Србија на Раул мина одлично, Словенците ќе ја чекаат Македонија во главна рунда

Вкупно 32 репрезентации го дознаа својот пат кон Светското првенство 2027, откако денеска во Минхен беше одржана ждрепката за прелиминарната фаза на јубилејното 30. издание на шампионатот. СП 2027 ќе се одржи од 13 до 31 јануари 2027 година во Германија, а натпреварите ќе се играат во шест градови – Келн, Минхен, Кил, Хановер, Магдебург и Штутгарт.

Пред ждрепката, осум селекции веќе беа распоредени во одредени градови од страна на организаторите. Германија и Хрватска ќе играат во Минхен, Италија и Франција во Штутгарт, Шведска и актуелниот светски шампион Данска во Кил, додека Португалија и Исланд ќе настапуваат во Магдебург.

Актуелниот светски првак Данска ќе ја започне одбраната на титулата во група со Словенија, САД и Ангола. Данците се во серија на доминација на светските првенства, а нивниот последен пораз на Мундијал датира уште од 2017 година. Домаќинот Германија ќе го отвори шампионатот со натпревар против Тунис, а во групата ќе се натпреваруваат и Србија и Уругвај. За селекцијата на Раул ова е одлична шанса, бидејќи ќе вкрсти со групата каде што се Италија и Саудиска Арабија, па ќе и биде отворен патот кон четвртфинале.

Финалистот од претходното Светско првенство, Хрватска, ќе игра во група со Шпанија, Чиле и дебитантот Турција. Во Кил ќе се одигра и скандинавското дерби меѓу Шведска и Норвешка, а во истата група се уште Грција, која се враќа на светската сцена по пауза од 2005 година, и Катар.

Македонија е во група со Исланд, Бахреин и Јапонија, па уште во првата фаза ќе има азиска пресметка во оваа израмнета група. Интересна група е и онаа во која се Португалија, дебитантот Фарски Острови, Полска и Алжир. Ако Македонија биде прво, второ или третопласирана ќе игра во главната рунда, каде треба да бидат Данска и Словенија.

Африканскиот шампион Египет важи за фаворит во групата со Италија, Зеленортските Острови и Саудиска Арабија. Во групата Д ќе се сретнат Франција, Аргентина, Бразил и Кувајт, а дуелот меѓу Аргентина и Бразил ќе биде реприза на финалето од шампионатот на Јужна и Централна Америка.

Првите натпревари на Светското првенство ќе се играат на 13 јануари, а финалето е закажано за 31 јануари во „Ланксес Арена“ во Келн. Нокаут-фазата ќе се игра во Келн, каде четвртфиналните натпревари се закажани за 26 и 27 јануари, полуфиналињата за 29 јануари, а натпреварите за медали на 31 јануари.

СП 2027 Германија, групи:

Група А: Германија, Србија, Тунис, Уругвај
Група Б: Египет, Италија, Зеленортски Острови, Саудиска Арабија
Група Ц: Хрватска, Шпанија, Чиле, Турција
Група Д: Аргентина, Франција, Бразил, Кувајт
Група Е: Шведска, Норвешка, Грција, Катар
Група Ф: Португалија, Фарски Острови, Полска, Алжир
Група Г: Данска, Словенија, САД, Ангола
Група Х: Исланд, Македонија, Бахреин, Јапонија