Тимот на Спартак оствари значајна победа над ослабениот Чаир со 26-21 во натпреварот од 25 коло во Супер женската лига.
Сега Спартак има 18 бодови на петтото место, само три помалку од четврто пласираниот Куманово кој има 21 бод, а двете екипи ќе играат меѓусебе во следното коло. Првакот оди во Лигата на Европа, додека тимовите од второ до четврто место ќе играат во ЕХФ Европскиот Куп.
Чаирчанки тргнаа одлично, водеа и со пет гола, 9-4, но до паузата Спартак стигна до минус еден, 12-11.
Веднаш на стартот на вториот дел домаќинките направија комплетен пресврт, се одлепија на плус три, 16-13, но Чаир не се предаде и во последните десетина минути се влезе со гол предност за Спартак, 21-20.
Кицеска имаше добра партија на голот на домаќинките, Спартак преку Цветановска и Максимовска зголемија на плус три, 23-20 и до крајот немаше дилеми дека бодовите ќе останат во Кисела Вода.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Анастасија Николовска со десет гола, како и Надица Максимовска и Сара Цветановска со по четири гола, а кај Чаир се истакна Билјана Дамчевска со шест погодоци.
























