СП 2023: Романија и без Неагу пресилна за Србија, Хрватска ја торпедира Кина

Селекцијата на Романија ја победи Србија со 37-28 и го потврди своето место во главната рунда на Светското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Иако без Кристина Неагу во составот, Романките немаа големи проблеми и уште по првиот дел имаа плус шест, 19-13, а второто полувреме беше само рутински одработено. Предводник на Романија беше Елиза Бучески со осум гола, а кај Србија се истакнаа Јововиќ и Агбаба со по пет погодоци. За избраничките на Урош Брегар останува да го победат Чиле во последното коло за да се пласираат во ТОП 24.

Украина, која во баражот за ова СП ја елиминираше Македонија, го победи Казахстан и се пласираше во главната рунда.

Хрватките по ремито со Сенегал извлекоа поука и ја торпедираа селекцијата на Кина со 39-13. Најдобри стрелци во составот на екс македонскиот селектор Ивица Обрван беа Шимара, Милосављевиќ, Буриќ, Бркиќ и Блажевиќ со по пет гола.

Победи остварија Австрија и еден од домаќините Шведска, кои со новите бодови го потврдија место во главната рунда, додека Шпанија, која е следниот ривал на Македонија во квалификациите за ЕП 2024, ја победи селекцијата на Бразил со 27-25 со пресврт во финишот и ќе пренесе максимален број бодови во следната фаза.

СП 2023, резултати:

Романија – Србија 37-28
Сенегал – Шведска 18-26
Хрватска – Кина 39-13
Украина – Казахстан 37-24
Гренланд – Австрија 23-43
Бразил – Шпанија 25-27