Со Вардар се искачи на европскиот врв, сега беше избран за најдобар голман на Супер Глоуб

Репрезентативецот на Србија, Дејан Милосављев, кој со тимот на Вардар во сезона 2018/19 ја освои титулата во Лигата на шампионите, имаше одличен настап на годинешното издание на Супер Глоуб, неофицијалното светско клупско првенство.

Милосављев го водеше тимот на Фуксе Берлин до пласман во финалето, во кое „лисиците“ по продолженија ја изгубија битката од европскиот првак Магдебург.

Фуксе Берлин во финалето беше поразен со 34:32, но неколку играчи од второпласираниот тим на неофицијалното светско клупско првенство оставија одличен впечаток и се најдоа во Ол Стар тимот.

Милосављев беше избран за најдобар голман, Ханс Линберг за најдобро десно крило, Ласе Андерсон за најдобар лев бек и Матијас Гидсел за најкорисен играч, односно МВП, како и за најдобар стрелец.

Во составот на Фуксе Берлин настапува и кружниот напаѓач Мијајло Марсениќ, ракометар кој дел од кариерата го мина во дресот на „црвено-црните“ и во некогашниот суперлигаш Металург.

Магдебург третпат освои трофеј на Супер Глоуб и 400.000 долари!