Со Вардар ја освои ЛШ, со Мелсунген ја освои ЛЕ – Парондо од 2027 на клупата на ПСЖ!

Францускиот шампион ПСЖ официјално потврди дека шпанскиот стратег Роберто Гарсија Парондо ќе стане нов тренер на клубот од сезоната 2027/28.

Парондо ќе го наследи Данецот Стефан Мадсен, кој ќе остане на клупата и во сезоната 2026/27, а потоа ќе му го препушти кормилото на поранешниот освојувач на Лигата на шампионите со екипата на Вардар.

Парондо моментално е тренер на германскиот Мелсунген, каде што бележи одлични резултати. Под негово водство клубот ја освои првата европска титула во својата историја, триумфирајќи во Европската лига на ЕХФ, а договорот со ПСЖ ќе стапи на сила по завршувањето на неговите обврски во Германија.

Шпанецот зад себе има богата тренерска кариера. Во 2019 година го предводеше Вардар до историската титула во Лигата на шампионите, а беше и селектор на Египет, со кој освои две титули на Африканското првенство и го одведе националниот тим до четвртото место на Олимписките игри во Токио.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

Во ПСЖ веруваат дека ангажманот на Парондо е дел од долгорочната стратегија на клубот, со јасна цел, конечно освојување на толку посакуваната титула во Лигата на шампионите.

„Роберто е еден од најценетите тренери во светскиот ракомет. Неговото искуство, победнички менталитет и способност да развива врвни тимови совршено се вклопуваат во нашата визија за иднината на клубот“, соопштија од ПСЖ по официјализирањето на договорот.