Со јакни, капи и ракавици…Барса „измрзна“ во Леон!

Каталонскиот гигант Барселона го доби дуелот во Асобал лигата против Адемар Леон со 39-25, но не беше резултатот тој што привлече најмногу внимание од оваа средба.

Тоа беа условите во кои се одигра мечот. Главната сала од „Палатата на спортовите“ во Леон се реновира и условите за игра се под минимумот.

„За доброто на ракометот, вакво нешто не смее да се повтори“, изјави тренерот на Барса, Антонио Ортега за „Марка“.

Со оглед на градежните работи, температурата во салата била практично како надвор, околу 3 степени во моментот на играње на мечот.

Играчите кои не беа на теренот, седеа на клупа со капи, ракавици и јакни на клупите. Иако теренот бил покриен со најлон за време на работите, сепак многу прашина останала наоколу, па каталонците се жалеа на условите.

Жалбите биле упатени и до делегатот на мечот, и до федерација, но одговорот бил дека натпреварот мора да се игра.

Кој знае како би реагирале од Барса ако треба да играат во декември во некоја македонска сала…