Словачка подобра од Полска, Словенија изненадена од Швајцарија

Откако вчера Фарски Острови ја изненади Македонија во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство 2025, денеска имаше уште две изненадувања.

Репрезентацијата на Словачка на гостински терен во Гдањск успеа да го добие првиот дуел против Полска, триумфираше со 29:28 (15:16).

Најзаслужен за победата на Словачка беше левото крило Јурај Бриатка, кој во листата на стрелците се запиша дури 11 пати. Ист број на погодоци во полската репрезентација постигна кружниот напаѓач Камил Шипжак.

Иако за Словачка победата е минимална, сепак, на реваншот ќе биде домаќин и ќе се надева на голема поддршка од трибините.

Изненадување направи и Швајцарија со победата над Словенија од 27:26 (12:15) во натпревар со многу подеми и падови кај двете селекции.

Мануел Зендер со осум гола беше прво име во победничката репрезентација, додека кај поразените Алекс Влах постигна пет.

Пелистерците Нејц Цехте и Урбан Лесјак се прикажаа во солидно светло, па така десниот бек Цехте имаше три погодоци, голманот Лесјак натпреварот против Швајцарија го заврши со десет интервенции.

Унгарија одигра според очекуваното против Литванија, победи со 33:26 (13:11), а балтичката земја имаше сили само за првите 30 минути.