Рaкометарките на Овче Поле Славјански Универзитет и Скопје одиграа интересен и неизвесен натпревар кој заврши реми, 26-26 и двете екипи освоија само по бод.
Иако гостинките водеа со 25-23 во самиот финишот, сепак домашните погодија преку Сентовска, потоа и Кузмановска им одбрани пенал, па Овче Поле СУ израмни на 25-25, кога имаше да се игра уште четири минути до крајот.
Скопје имаше и играч повеќе на терен, но ударот на Максимовска заврши како плен на Кузмановска. Потоа гостинките имаа уште еден напад, но згрешија и Димчева реализираше во контранапад за водство на домашните, 26-25.
Ристиќ израмни со голот од пенал на 26-26, кога имаше да се играат уште 90 секунди. Домашните не погодија, Скопје тргна во контра, а Сентовска направи фаул и од судиите доби директен црвен картон.
Но тоа не беше доволно за гостинките да ги освојат трите бода. Ристиќ промаши пенал, но ниту домаќинките не успеаја да организираат добар напад и да погодат, па мечот заврши реми.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Вучевска и Конева со по шест погодоци, додека кај Скопје се истакнаа Петровска и Павлова со по исто толку.