Скапиот проект на АЕК загуби од Забже, Шмид ја “изрешета” мрежата на Хановер

Во терминот од 18:45 часот се одиграа девет дуели од 5. коло од Лигата на Европа и на едно коло пред крајот од групната фаза познати се неколку патници во главната фаза.

Скапиот проект на АЕК Атина, клуб во кој настапуваат двајцата екс играчи на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ и Игор Арсиќ, загуби од просечниот Горњик Забже со 26:30 и со само со два освоени бода на пет одиграни натпревари, грчкиот шампион многу порано од очекуваното ќе го заврши настапот во Лигата на Европа.

Легендарниот репрезентативец на Швајцарија, Енди Шмид, уште еднаш ја покажа својата класа во дуелот со Хановер. Луцерн иако следниот викенд ќе го заврши настапот во Европа, сепак, успеа да одигра нерешено против бундеслигашот, 30:30, а Шмид блескаше со 14 погодоци.

Македонскиот вицепрвак со поразот од Војводина од 34:29 ги загуби сите шанси за второто место на табелата во својата група. „Сино-белите“ во досегашниот тек од сезоната загубија на четири натпревари и на еден одиграа само реми.

Веќе е јасно дека тимот од Автокоманда нема да продолжи во главната фаза, па на последниот дуел, против тимот на Ла Риоха, избраниците на Кире Лазаров ќе посакуваат со победа да ја завршат европската авантура.

Од групата Ф, во која се наоѓа и вицепрвакот, пласман во главната фаза обезбеди Војводина, додека во игра за пласман меѓу најдобрите 16 екипи се Силкеборг и Ла Риоха.

Пласман во главната фаза обезбедија уште екипите на Хановер, Горњик Забже, Нексе, Скјерн, Фуксе Берлин, Савехоф и Констанца.

Лига на Европа, 5. коло, резултати:

Група А

20:45 Рајн Некар – Кристијанштад

20:45 Бенфика – Нант

Група Б

18:45 АЕК – Горњик Забже 26:30

18:45 Хановер – Луцерн 30:30

Група Ц

18:45 Винтертур – Горење 32:31

18:45 Савехоф – Куенка 40:27

Група Д

18:45 Скјерн – Нексе 33:30

20:45 Брага – Повашка Бистрица

Група Е

20:45 Ловќен – Елверум

20:45 Кадетен – Фленсбург

Група Ф

18:45 Војводина – Алкалоид 34:29

20:45 Ла Риоха – Силкеборг

Група Г

18:45 Шамбери – Фуксе Берлин 31:36

18:45 Извиѓач – Динамо Букурешт 24:40

Група Х

18:45 Констанца – Татабања 28:25

20:45 Хобри Глогов – Спортинг