Македонскиот шампион Ѓорче Петров обезбеди пласман во осминафиналето од Европскиот Куп, откако и на реванш средбата против Ојпен триумфираше со 48:36.
За потсетување, првиот дуел, кој беше одигран минатиот викенд во Белгија, заврши со победа на Ѓорче Петров од 45:39.
Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, ги сподели своите импресии по пласманот во осминафиналето, истакнувајќи дека во следниот период ќе се работи доста во одбраната, бидејќи загрижувачки се 36 примени гола на еден меч.
,,Примивме премногу голови, на почетокот не одигравме како што треба во одбраната, примивме премногу евтини голови…Во моментов загрижуваат овие 36 примени погодоци и следниот период ќе работиме на тоа, играта во одбраната. Сега ќе треба да си уживаме во овие два-три дена до ждрепката, потоа може да анализираме и да работиме на случајот. Нас ни фалеше Милица Николиќ, која е еден од најдобрите играчи во одбраната во нашата лига и поради тоа, одбраната малку беше измешана, па затоа тоа што се работеше со нејзе, не се примени, фалеше нејзиниот дел. Истото се случи и во Белгија. Ќе мора да работиме, имаме простор за тоа, нејзината улога да ја замени некој играч, искрено ни фалеше многу во одбраната”, изјави Симовски.
Стратегот на „лавицте“ вели дека неговите избранички не би требало да имаат проблеми за да ја одбранат шампионската титула на домашна сцена.
,,Во нашата лига сите екипи мотивациски добро се подготвуваат за Ѓорче Петров. Нормално, и јас да сум на таа страна, истото би го правел. Во моментов имаме екипа која што добро функционира и работи, немаме некој голем ростер за играчки промени, со тие што ги имаме располагаме, тренираме напорно и мислам дека до крајот од сезоната доколку девојките го испочитуваат сетоа тоа што го работиме, нема да имаат никаков проблем, без разлика што има 2-3 екипи, без потценување, кои атакуваат на титула”, заврши Симовски.
Ѓорче Петров во вторник ќе го дознае ривалот во четвртфиналето во Европскиот Куп.
Ѓорче Петров слави осминафинале во Европа, со 48 гола го испрати Ојпен