Партизан е старо-новиот шампион на Србија, откако во решавачкиот натпревар од финалната серија славеше на гостувањето кај Војводина со 27-22 (14-11) и со 2-0 ја освои титулата во домашниот шампионат.
Финалниот дуел во Нови Сад се одигра без присуство на публика, поради инцидентите што се случија на претходниот натпревар. Тогаш средбата беше прекината поради фрлање пиротехнички средства од страна на гостинските навивачи, а Војводина одби да го продолжи мечот. По дополнителните одлуки на надлежните органи беше решено шампионот да се одреди на терен преку нов натпревар.
Во првите петнаесет минути Војводина успешно му парираше на ривалот и во неколку наврати имаше минимална предност. Сепак, Партизан го засили ритамот во завршницата на првото полувреме и на одмор замина со предност од 14-11.
Белградскиот состав целосно доминираше во второто полувреме. Со серија одлични акции Партизан стигна и до највисоки седум гола предност (21-14), со што практично ги реши сите дилеми околу победникот и шампионската титула.
Најефикасни во редовите на новиот шампион беа Никола Црноглавац со шест и Аљоша Дамјановиќ со пет погодоци. Кај Војводина најрасположен беше Марко Срдановиќ со шест гола.
За Партизан ова е четврти освоен трофеј сезонава, по триумфите во Супер Купот на Србија, Купот на Србија и Сесрпскиот куп. Со тоа белградскиот клуб ја комплетираше најуспешната сезона во својата историја и сега со нетрпение го очекува исходот околу можниот настап во Лигата на шампионите.

























