Червар: Нема подобро место од Битола за крај на кариерата!

Тимот на Еурофарм Пелистер денеска и официјално го промовираше новото тренерско име – трофејниот Лино Червар.

Хрватскиот стратег по пауза од пет години му се враќа на тренерскиот занает и ќе го води битолскиот тим.

Червар ја сподели радоста по потписот на договорот и честа да работи во Битола, каде што најави дека ќе му биде крајот на кариерата.

„Чест ми е да работам во Битола, град со огромна традиција. По осум години се враќам во мојата втора татковина и тука ќе биде крајот на мојата кариера. Пред да одлучам, на се му доаѓа крај, а најубаво е тоа да се случи во градот каде ракометот е религија – Битола. Да ја сакате работата што ја работите, тоа е најголема среќа. Видов дека и кај луѓето од клубот постои желба да дојдам тука. Ова е најголемото ракометно име во Македонија. Имам тешка задача, конкуренцијата е голема, но мораме позитивно да размислуваме. Мораме да ги пофалиме конкурентитие. Вардар се разбуди, Охрид, потоа клубот од Автокоманда, но мораме да соработуваме, но мораме и да се бориме. Македонија е мала земја, мораме сите да бидеме едни со други, но кога ќе играме тогаш Еурофарм Пелистер е над се. Само еден тим, само еден град – само Битола. Тоа ќе ми биде во главата и така ќе ја тренираме екипата со моите асистенти. Ние ќе бидеме едно семејство, сите ќе дадеме се од себе и да ја оправдаме довербата“, изјави Червар.

Тој работеше осум сезони во Металург, а потоа замина од Македонија. Вели дека не би заминал да немаше семејни проблеми со неговата сопруга.

„Јас не би си заминал пред осум години, да немав семејни проблеми со болеста на мојата сопруга. Таа е најзаслужна за сите мои достигнувања. Јас морав да се вратам тогаш, инаку не би заминал од Македонија. Таа дојде со мене овде и сака да биде тука, заедно ќе бидеме во Битола. Заедно со моите соработници, ќе се обидеме да го покажеме тоа што го напишав во мојата книга, да тренираме и играме поинаку. Мене ме учеа дека фудбал се игра со нозе, ракомет со раце…но сметам дека нашите играчи мора да ги научиме да мислат со глава, децата наши се многу способни, но мораме да размислуваме дека се почнува од главата. Ако немаш добро тело, менталната припрема не е добра, но главата е најсилното оружје, јас ќе се обидам да го наметнам тоа и победничкиот менталитет овде, Битола има најдобра публика, ќе дадам се од себе. Жртвував 53 години од мојот живот, и сакам мојот крај да биде во најракометниот град, а тоа е во Битола“, заврши Червар.