Исландскиот стратег Дагур Сигурдсон ја однесе Хрватска до сребро на Мундијалот, многу брзо ги собра симпатиите од навивачите, но не се сите воодушевени од неговата работа.
Меѓу нив е поранешниот хрватски репрезентативец, освојувач на злато од ОИ, а сега тренер – Ненад Кљаиќ, кој од почетокот на работата на Сигурдсон го критикува.
Неговото мислење не се промени ниту по освојувањето на медал од големо натпреварување.
„Сега ќе кажам нешто што нема да биде популарно. Сигурдсон е на четвртото место по заслуги за светската бронза. Ќе му симнам капа ако на следното првенство освои медал, тогаш ќе го сменам мислењето и ќе му кажам секоја чест. Киксираше на ОИ, а според мене за успехот на СП најголеми заслуги има Зоран Гобац, па играчите, па домашната публика, па дури на крај Сигурдсон. Да не беше Гобац, не би ја поминале Словенија. Тие што знаат за што се работи, ќе им стане јасно за што зборувам, а сите во ракометот знаат“, изјави Кљаиќ во „Подкаст Инкубатор“.
Тој тврди дека во Хрватска има многу подобри тренери од Сигурдсон.
„Сметам дека имаме десет тренери кои се на негово рамниште или подобри. Сигурен сум во тоа. По успехот се слави како хрватска икона. Не е тој лош тренер, добар е, но ќе му честитам ако освои медал на следното ЕП. Знам дека пред некои натпревари одржувани се состаноци на кои некои работи биле решени, а тој не одлучувал. Подобро да не зборувам за тоа“, заврши Кљаиќ.
Хрватска се пласираше на ЕП 2026 година во Шведска, Данска и Норвешка, но останува да ги одигра уште двете средби со Луксембург и Белгија.