Покрај поразот на гостувањето кај Спортинг Лисабон, за битолчани имаше уште една лоша вест во 11 коло – полскиот шампион Висла Плоцк направи сензација и успеа да се врати со триумф од гостувањето кај ПСЖ со 31-28.
Тоа значи дека Висла Плоцк сега се израмни со Еурофарм Пелистер со бодовите, но полскиот тим има подобар меѓусебен скор и ја презема шестата позиција на табелата што води во осминафиналето.
Висла Плоцк преку одличниот Зарабец успеа да се одлепи на плус четири во првиот дел, 8-4, но како одминуваше времето, така ПСЖ се враќаше во игра и на пауза домашните заминаа со водство, 15-14.
Бековското трио Фазекаш, Зарабец и Пирох набрзина и во второто полувреме отиде на водство од три гола, 20-17, но ПСЖ не се откажуваше од камбек и Шипжак и непогрешливиот Соле успеаја да го вратат францускиот првак во егал, 23-23.
Кога требаше да се направи завршниот чекор, тогаш избраниците на Раул Гонзалес грешеа и на пет минути до крајот Висла Плоцк направи огромна залиха, 28-24. Немаше веќе време за нешто повеќе и гостите ја задржаа предноста за злато вреден триумф.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Пирох со десет и Фазекаш со осум погодоци, додека голманот Халгримсон имаше 12 одбрани. Во составот на ПСЖ, Стеинс и Соле погодија по седум пати, а голманот Паличка запиша 11 интервенции.