Екипата на Ѓорче Петров со одличната игра во вториот дел дојде до убедлива победа на гостувањето кај Металург Автокоманда, триумфираше со 33:22 во натпревар од 15. коло од плеј-оф фазата од Женската лига.
Во најголемиот дел од првите 30 минути главно се играше гол за гол, двете екипи имаа свои моменти, а актуелниот шампион со подобрата ангажираност во финишот од првиот дел успеа да замина со предност од три гола на полувреме.
По предноста на Металург Автокоманда од 12:11, избраничките на Симовски направија серија од 4:0 и се одлепија на 15:12 во 25-та минута. Ѓорчепетровки до крајот на полувремето не дозволија домаќинот да се врати во игра и на пауза заминаа со предност од 17:14.
Шампионот во вториот дел заигра според посакуваното и веќе во 45-та минута, при водство на гостинките од 27:19, јасно беше дека домаќинот ќе има тежок предизвик за евентуален кам-бек.
Најефкасна кај победничката екипа беше Ивана Дежиќ со девет погодоци, пет имаше Катерина Дамјановска, а по четири реализации имаа Анастасија Николовска, Есма Муратовиќ и Ана Вранчиќ. Во таборот на Металург Автокоманда прв стрелец беше Марија Јанкуловска со пет погодоиц.