Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер му го расипа дебито на клупата на Тиквеш на Кристијан Грчевски и славеше во Кавадарци со 31-27. Домашните во салата „Јасмин“ пружија силен отпор, особено во првиот дел, но битолчани заиграа посериозно во второто полувреме и не дозволија непријатно изненадување на стартот на теренот каде што Вардар загуби минатата сезона. Митревски беше одличен на голот, а во нападот доминираше Пешевски.
Битолчани беа без повредениот Хосни и казнетиот капитен Кузмановски, а кавадарчани тргнаа фуриозно на стартот и поведоа со 7-3. Тоа го натера Бранко Ангеловски да побара тајм-аут, но ништо особено не се промени на теренот.
Погодуваа и пелистерци, но имаа многу пропусти во одбраната и Тиквеш тоа го користеше на најдобар можен начин. Арсиќ исто така фати неколку удари и кавадаречкиот тим одржуваше водство од два до четири гола.
На крајот на полувремето Еурофарм Пелистер имаше шанса за минус еден, но не погоди, па на пауза беше 17-15. Како што кавадарчани имаа одличен старт на првиот дел, така беше со битолчани во второто полувреме.
Постигнаа шест гола во серија, Митревски беше одличен на голот, а одбраната не дозволи погодок 12 минути, за 21-17 и најава за триумф на шампионот. Грчевски повика тајм-аут, ги смири своите избраници, кој се вратија на минус еден.
Абутовиќ доби директен црвен картон за старт над Обина, но тоа не се покажа како голема пречка за битолчани, кои одново стигнаа до плус четири. Кавадарчани не се откажуваа, ја бркаа негативата, но не можеа да сторат многу против расположениот Митревски на голот на шампионот, кој до крајот рутински успеа да го доврши натпреварот.
Пешевски погоди осум пати, додека Тајник постигна шест погодоци во мрежата на Тиквеш. Во кавадаречкиот состав по пет пати стрелаа Обина и Анастасовски.