Шампион пружи отпор, но бодовите останаа во Гостивар

Тимот на Јехона ја забележа втората победа во прволигашкиот плеј-оф, откако славеше против Шампион со 33-29.

Гостите иако во ростерот имаа десетина ракометари, сепак пружија голем отпор, особено во првото полувреме, кога во неколку наврати имаа и предност, но Јехона замина на пауза со плус еден, 11-10.

При резултат 15-14 во вториот дел, Салиу врза неколку гола во серија, домашните ги казнија сите грешки на Шампион и за кратко стигнаа до водство од шест гола, 20-14.

Тука беше решен победникот и до крајот Јехона само рутински успеа да ја задржи разликата и да ги освои трите бода.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Салиу со девет, како и Живкоски и Селмани со по пет гола, додека кај Шампион десет погодоци постигна Богоевски, а девет пати реализираше Сибиновски.

Јехона сега има седум бода и останува на шестото место на табелата, додека Шампион е последен без бодови. Во следното коло гостиварци му гостуваат на Бисинов, а Шампион е домаќин на Радовиш.