Шампион губеше со пет, на крајот победи со пет гола против Гевгелија

Ракометарките на Шампион по поразот во првото коло од Женската лига од Овче Поле СУ, ја забележаа првата победа во новата сезона.

Избраничките на Слободан Чивлачки славеа на гостувањето кај составот на Гевгелија со 23-18, откако направија пресврт во вториот дел.

Првото полувреме мина во знакот на домашните ракометарки, кои во еден момент водеа и со пет разлика, а на пауза заминаа со плус четири, 13-9.

Во вториот дел поради три исклучувања црвен картон доби Кадиева од Гевгелија, па тогаш гостинките го започнаа камбекот.

Најпрво стигнаа до реми, 14-14, а по 16-16, со серија од четири погодоци ја направија клучната предност, која до крајот ја задржаа рутински.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стојмановска и Димитриевска со по седум гола, додека кај Гевгелија по четири гола дадоа Ступар, Шуклева и Димова.