СЕНЗАЦИЈА: Радовиш со гол од слободен удар се пласира во Супер лига!

Екипата на Радовиш по едногодишна пауза повторно се враќа во Супер лигата, откако во суперлигшакиот бараж, со гол од слободен удар по истекот на времето, го совлада Еурофарм Пелистер 2 со 27:26. Херојот на Радовиш беше искусниот Здравко Постолов, кој го постигна победничкиот гол за голема радост на довчерашниот прволигаш. Голема заслуга за победата на Радовиш имаше и голманот Кристијан Костадиновски. Битолчанецот против своите фати неколку клучни топки во моментите кога неговиот тим го правеше пресвртот.

По играта гол за гол во првите петнаесетина минути, во кои двете екипи наизменично се менуваа во водство, Еурофарм Пелистер 2 беше првиот тим кој успеа да го„скрши“ мразот и да дојде до позитива од плус два, 8:6. Од тој момент, младиот состав на Петровски започна да го контролира резултатот, но до 25 минута немаше голема комоција во играта.

На голот на Радовиш одличен беше Кристијан Костадиновски, кој на ривалот во првото полувреме му одбрани два седмерци и беше најзаслужен што неговиот тим сѐ држеше во игра. При предност на Еурофарм Пелистер 2 од 10:8, радовишани дури во три наврати не успеваа да дојдат до минус еден.

Еурофарм Пелистер 2 во последните пет минути од првиот дел целосно го сопре налетот на Радовиш, ја зацврсти одбраната, се разбрани Младенов, постигна уште четири гола и на пауза замина со активен резултат од плус пет, 14:9.

Црвен картон на стартот на вториот дел доби членот на Еурофарм Пелистер 2, десното крило Ненад Белистојаноски поради три исклучувања. Ракометарите на Радовиш се обидуваа да направат камбек, намалија на 17:15 во 37 минута и цели 20 минути чекаа за посакуваниот пресврт.

Осум минути подоцна, односно во 45 минута, предноста на битолскиот тим беше 21:18, а во 48 минута Радовиш намали на 22:20. Избраниците на Долдуров на осум минути пред крајот конечно дојдоа до минус еден, 23:22, потоа Костадиновски фати неколку топки, но неговите соиграчи при негатива од 24:23 не реализираа за нерешено.

Пресвртот настана во последната минута кога Радовиш со серија од 3:0 го презеде водството, поведе со 26:25. Еурофарм Пелистер 2 во својот последен напад се избори за пенал, реализираше Калајџиовски за 26:26, а по истекот на времето, искусниот Постолов од слободен удар донесе голема радост за радовишани.

Победничката екипа беше предводена од Здравко Постолов со осум погодоци, шест додаде Иван Митревски, по пет постигнаа Зоран Стојановски и Васе Петров. Во поразениот табор прво име беше црногорскиот интернационалец Богдан Мијушковиќ со седум погодоци.