Минхен Пантерс е новиот германски ракометен проект што треба да го врати Минхен на мапата на врвниот клупски ракомет, со јасна амбиција во следната деценија градот повторно да добие бундеслигаш.
Зад иницијативата стојат поранешните германски репрезентативци Доминик Клајн и Штефан Вајнхолд, кои преку спојување на ХГ Минхен и ТУС Фирстенфелдбрук почнуваат долгорочна приказна со јасна цел – создавање клуб што од 2030 година ќе игра во Бундес лигата.
Новиот тим ќе настапува под името Минхен Пантерс и ќе биде симбол на обидот ракометот повторно сериозно да се вкорени во еден од најголемите германски спортски центри. Во првата фаза, екипата ќе игра во Вителсбахерхале во Фирстенфелдбрук, но крајната идеја е што побрзо да се пресели во Минхен.
Проектот нема да стартува од врвот, туку од пониско ниво, што само покажува дека не станува збор за маркетиншка авантура, туку за долгорочен спортски план. Фирстенфелдбрук, кој испаѓа во четвртата лига, ќе ја даде основата на новиот тим, а најголемиот дел од сегашниот состав треба да остане, дополнет со нови засилувања за брзо враќање во Третата лига. За тренер на Минхен Пантерс е назначен Штефан Вајдингер.
Доминик Клајн јавно порача дека Минхен има огромна привлечност и кај навивачите и кај играчите, но и дека град со таков потенцијал одамна заслужува ракометен клуб на највисоко ниво. Дополнително, во германските медиуми се нагласува дека Минхен веќе повеќе од три децении нема бундеслигаш во ракометот, па токму затоа новиот проект се претставува како обид да се пополни една голема празнина на германската спортска мапа.
Особено важно за луѓето зад проектот е што Минхен не се гледа само како локација со големо име, туку и како град со реален потенцијал за ракометен раст. Според изјавите што ги пренесоа германските медиуми, интересот за големи ракометни настани во Минхен постои, а идејата е токму тоа да се преточи во стабилен клуб што со време ќе може да израсне во сериозен член на Бундес лигата.
Проектот веќе добива внимание и затоа што во него се вклучени две препознатливи имиња од германскиот ракомет. Клајн и Вајнхолд не ја кријат амбицијата, а нивното вклучување му дава дополнителна тежина на целиот потфат.
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
























