Некогашниот учесник во Лигата на шампионите, Рајн Некар, објави официјално соопштение во врска со ситуацијата околу младиот Јури Кнор.
Како што е познато, пред неколку денови низ медиумите во Германија и Данска експресно се прошири веста дека Јури Кнор ќе биде замената за Микел Хансен во Алборг.
Кнор со тимот од Манхајм има активен договор до 2026 година, но тој предвреме може да го напушти таборот на „лавовите“ бидејќи во договорот меѓу двете страни има „излезна клаузула“ според која Кнор не би имал проблеми да си замине од бундеслигашот.
,,Пред неколку недели Јури изјави дека би сакал да си замине од тимот наредното лето, искористувајќи ја соодветната клаузула во договорот, кој важи до 2026 година. Нема да коментираме повеќе за какви било информации, имаме спортски задачи и цели, од кои најблиску е финалето во Лигата на Европа. Заедно со Јури целото внимание го посветуваме кон таа цел “, стои во соопштението на клупската страна на Рајн Некар”.
23-годишниот ракометар, кој од страна на ИХФ беше прогласен за најдобар млад играч за минатата година, имаше краток коментар.
,,Сè уште имаме амбициозни цели за остатокот од сезоната. Нивното остварување е мојата цел. Потоа можеме да разговараме што ќе се случува наредното лето”, кратко коментираше Кнор.
Од клупското соопштение може да се претпостави дека Кнор ќе го напушти Рајн Некар по завршувањето на сезона 2024/25.