Радовиш го сруши Драчево, продолжува борбата за Супер лигата

Ракометарите на Радовиш го совладаа Драчево со 31-28 во интересен натпревар од шестата рунда на прволигашкиот плеј-оф.

Со новите три бода, тимот предводен од Долдуров и Ѓорѓиев сега има 14 бода и се зацврсти на третото место на табелата, зад Младост со 15 и Бисинов со 18, кои утре играат меѓусебе.

Во првиот дел домашните имаа во два наврати предност од плус пет, но драчевци до паузата намалија на минус три, 16-13.

Стигнаа радовишани и до убедлива залиха од седум гола, 24-17. Сепак тоа не беше доволно за мирна завршница. Драчево полека се враќаше во игра и преку Дабески и Петковски намалија најпрво на 27-26, а потоа и на 29-28, кога во тек беше последната минута.

Но Радовиш доби пенал и го реализираше, потоа драчевци згрешија и беа казнети во контранапад за 31-28 и бодовите останаа дома.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петров со седум, како и Стојановски и Постолов со по шест погодоци, додека кај Драчево, Дука имаше седум реализации.