Промена во стручниот штаб – Македонија има нов тренер на голмани!

По Филип Миркуловски, Бранко Ангеловски и Ацо Јоновски, кои беа дел од стручниот штаб на селекторот Кире Лазаров на стартот на неговата кариера како селектор, уште еден член на стручниот штаб не е повеќе дел од репрезентацијата.

Станува збор за тренерот на голманите, Ице Соколески, кој работеше подолго време со чуварите на мрежата во сениорската репрезентација.

Слично како и претходно, во случаите со Ангеловски, Миркуловски и Јоновски, РФМ не објасни и не објави зошто не се повеќе дел од стручниот штаб на националниот тим.

Местото на Ице Соколески ќе биде пополнето со странско тренерско име – Нино Павелиќ, кој работи во хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице, а неговиот ангажман го потврди селекторот Лазаров.

„Донесовме одлука за освежување на стручниот штаб, на местото на Ице Соколески со нас од денеска е Нино Павелиќ, искусен и квалитетен стратег кој работи со голманите во Нексе. Не се сомневаме во неговите квалитети, убедени сме дека соработката со него ќе даде резултат“, изјави селекторот Кире Лазаров.

Македонија ја чека пријателски двомеч со селекцијата на Грција во рамките на ЕХФ неделата, а следен предизвик ќе биде настапот на Европското првенство во 2024 година во Германија, каде за ривали ги имаме Германија, Франција и Швајцарија.