Пред 24 години пишуваа историја како играчи – сега ја водат Македонија од клупата на ЕП

Од денеска па до 9 август во Белград, 24 селекции ќе настапат на Европското првенство за кадети, а меѓу нив ќе биде и Македонија. Нашите момци ќе бидат во тешка група со Словенија, Франција и Шведска, а првиот предизвик е денеска на пладне против Словенците.

Селекторот на кадетите, Горан Кузманоски, неговиот асистент Митко Стоилов, како и Филип Миркуловски, кој е дел од стручниот штаб, беа предводници на најголемиот репрезентативен успех на младинскиот машки ракомет (кадети 18/младинци 20), а сега ќе бидат предводници од клупата на Македонија на ЕП.

Тие беа дел од генерацијата на младинци што го освои четвртото место на ЕП 2002 во Полска. Тогаш Македонија беше на чекор до финале, но во драматичен натпревар загуби од домаќинот Полска по два пати продолженија од по десет минути со 33-31, откако мечот заврши 22-22 во регуларниот дел, а по првите продолженија беше 27-27.

Во битката за трето место Македонија загуби од Југославија со 33-30, а претходно во групната фаза беа совладани Чешка, Данска, Португалија, реми имавме против Југославија, додека единствениот пораз беше од Хрватска.

За Македонија тогаш покрај Кузманоски, Миркуловски и Стоилов играа уште Борко Ристовски, Гоце Јовчески, Филип Лазаров, Јане Локвенец, Љубиша Димковски, Ристо Трајковски, Петар Когој, Васил Митевски, Бојан Бетувски, Марко Шеќеровски, Сашо Стојковски, Дејан Кутаноски и Иван Арнаудов, а селектор беше Илија Темелковски. За Полска играа ракометари од типот на Карол Бијелецки, Марцин Лијевски, Мариуш Јуркевич, Пјотр Грабарчик…

Ристовски беше дел од идеалниот тим на тоа првенство, а Горан Кузманоски беше втор најдобар стрелец, додека Миркуловски и Стоилов беа во ТОП 8 стрелци на првенството.

За разлика од младинците, каде Македонија има седум учества на ЕП (последното беше во Романија каде завршивме на 20 позиција), ова ќе биде вкупно четврти настап од 1992 година па наваму на кадетски ЕП за Македонија (не се сметаат ЕХФ шампионатите – Б дивизија).

Првиот настап беше во Израел (6 место од 12 селекции) во 1994 (генерацијата на Бранислав Ангеловски, Петар Мисовски, Иве Марковски, Марјан Колев, Ристо Калајџиески…),

Чекавме дури 20 години за ново ЕП во Полска (15 место од 16 селекции) во 2014 (генерацијата на Филип Талески, Тоше Ончев, Горан Крстевски, Давор Палевски).

Потоа чекавме уште 10 години за следен пласман на континентален собир. Тоа се случи во 2024 година во Црна Гора, каде генерацијата на Самоил Ристевски, Дамјан Митев, Јулијан Матески, Марин Крстевски, Христијан Ѓурмешевиќ…заврши на 19 место од 24 селекции.