Љевар: Свесен сум што значи да се носи дресот на Вардар

Новото засилување на Вардар, Леон Љевар, порача дека е свесен за големината на македонскиот шампион и одговорноста што ја носи настапот за најтрофејниот македонски клуб.

Хрватскиот ракометар истакна дека високите амбиции се составен дел од Вардар и дека тимот ќе атакува на сите цели и во домашните натпреварувања и на европската сцена.

„Јас сум еден од новите ракометари на Вардар, чии амбиции се секогаш високи. Тимот има голема база на навивачи и богата историја. Одиме амбициозно во Лигата на шампионите. Ќе работиме напорно од ден за ден, па ќе видиме како ќе биде на крај“, изјави Љевар.

Тој смета дека македонскиот шампионат е еден од најквалитетните во регионот поради силната конкуренција на самиот врв.

„Македонското првенство е најсилно во регионот, има четири сериозни екипи, ќе биде тешко. Ние сме шампиони, мора да веруваме во себе и да ја одбраниме титулата. Ми треба малку време да се прилагодам во Вардар, но мислам дека ќе се изборам со притисокот“, заврши Љевар.