Македонскиот шампион Вардар со големи амбиции влегува во новата сезона, а голманот Васил Гогов порача дека целта на „црвено-црните“ е освојување на сите домашни трофеи и достојно претставување во Лигата на шампионите.
Гогов истакна дека тимот минатата сезона ги исполнил поставените цели, но сега пред Вардар стојат уште повисоки предизвици.
„Минатата сезона ги постигнавме нашите цели кои ги поставивме на почетокот. Оваа сезона одиме чекор напред и ќе имаме повисоки цели. Да ги освоиме македонското првенство, Купот и Супер Купот. Да дадеме сè од себе во Лигата на шампионите, да стигнеме до најдобра позиција што можеме. Имаме нови ракометари оваа сезона, но ние што сме подолго во тимот ќе се обидеме да им помогнеме побрзо да се прилагодат во екипата. Ние функционираме како една целина, како семејство за да бидеме сè подобри“, изјави Гогов.
Голманот нагласи дека добрата атмосфера во соблекувалната е една од најголемите предности на Вардар и дека искусните играчи ќе направат сè новите засилувања што побрзо да се вклопат во системот на игра.
Вардарци ќе тренираат во Скопје и Маврово, пред да настапат на турнирите во Струга и Охрид, па ќе следуваат две средби од Регионалната лига и Супер Купот против охриѓани.























