Кадетите на Шведска без ниту еден пораз го освои Скандиберико турнирот на домашен терен, откако ги совладаа Португалија и Шпанија, а ремизираа против Норвешка. Со ваков биланс Швеѓаните со голема самодоверба дојдоа во Белград и ќе бидат еден од ривалите на Македонија покрај Словенија и Франција.
Швеѓаните подготовките ги завршија со настап на Скандиберико турнирот, каде што во првото коло ја совладаа Португалија со 36-32, откако на полувремето имаа предност од шест гола. Истата разлика ја имаа и против Шпанија на паузата, а мечот го добија со убедливи 34-27. Во последниот натпревар одиграа нерешено 30-30 против Норвешка.
Селекторот Бјорн Сетерстром беше задоволен од прикажаното и смета дека тимот е подготвен за европскиот предизвик.
„Одигравме две одлични средби против Португалија и Шпанија. Од натпревар во натпревар станувавме подобри, играчите се разбираат сè подобро и создадовме силен колектив. Тоа се гледа не само во нападот, туку и во одбраната, каде што си помагаме меѓусебно. Сите се чувствуваат сигурно и можат да го дадат својот максимум, а тоа ќе биде клучно на Европското првенство“, изјави Сетерстром.
Пред стартот на Европското првенство, Сетерстром нагласи дека неговиот тим е свесен за тежината на групата, но верува во пласман во главната рунда.
„Патуваме во Србија со одлично чувство, бидејќи покажавме дека можеме да играме на високо ниво. Имаме многу тешка група со Франција, Словенија и Македонија, но нашата цел е пласман во главната рунда. Генерално, оваа генерација е многу изедначена и многу селекции можат да се победат меѓусебно. Затоа нè очекува возбудливо Европско првенство“, порача шведскиот селектор.
Сите ракометари во шведската селекција играат во домашното првенство, а меѓу најопасните се десниот бек Хан Карлсон, десното крило Локе Фрид, левиот бек со балкански корени Филип Пастуховиќ…

























