Прилеп носи пивот од Автокоманда

Прилеп продолжува со составување на тимот за следната сезона, во која амбициите на клубот се јасни – напад на место во плеј-офот. Најновото име што е блиску до преселба под Марковите Кули е пивотменот Кристијан Симоноски, кој во изминатите сезони беше дел од тимот од Кирил Лазаров.

Прилепчани се во преговори со 26-годишниот кружен напаѓач и, доколку се завршат последните детали, тој треба да биде ново решение на пивотменската позиција. Во тимот треба да го замени Томислав Квастек, кој иако има договор со клубот, поради административни причини најверојатно нема да остане во Прилеп.

Симоноски е играч со суперлигашко и европско искуство. Тој настапуваше во периодот во кој клубот од Автокоманда брзо се издигна во врвот на македонскиот ракомет, играше во европските купови и освојуваше трофеи.

Симоноски има и репрезентативно искуство, а беше дел од поширокиот круг на македонската сениорска репрезентација.

За Прилеп, евентуалниот ангажман на Симоноски би бил важен потег, особено ако Квастек не остане во тимот. Прилепчани сега мораат да реагираат на време за да не останат без проверено решение на линијата од шест метри.

Тие добија и значајна финансиска поддршка од Општина Прилеп, што треба да донесе поголема стабилност во периодот на формирање на ростерот.

Прилеп во новата сезона ќе има и дополнителна проверка пред стартот на шампионатот, бидејќи од 20 до 23 август ќе биде домаќин на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Токму таму домашната публика би можела да ја види првата слика на новиот состав, кој треба да биде посилен, постабилен и подготвен за борба за плеј-оф.

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________