Претстои жестока битка за елитата – кој со колку бода стартува во прволигашкиот плеј-оф

Со одиграниот натпревар меѓу екипите на Преспа Вардар и Шампион заврши првиот дел од сезоната во прволигашката конкуренција. Во плеј-оф фазата во Првата лига ќе се натпреваруваат осум екипи, додека во плеј-аутот седум.

Амбициозниот тим на Бисинов, кој одигра перфектно во есенскиот дел од сезоната, триумфираше на сите 12 натпревари и покажа дека има сериозни намери за освојување на првото место, кое што носи директен пласман во елитата.

Тимот од Велес со Младост Богданци ќе влезат со максимални бодови во прволигашкиот плеј-оф. Двете екипи ќе стартуваат со по три бода, по два ќе пренесат Драчево и довчерашниот суперлигаш Радовиш, еден бод на свое конто ќе имаат Јехона и Металург РА.

Зад двете споменати екипи се Македонија ЃП и Шампион, кои нема да пренесат бод. Останатите тимови не може однапред да ги вкалкулираат бодовите против овие два тима, но од друга страна тешко е за верување дека може да се вмешаат во борбата за врвот.

Прва лига, плеј-оф:

Бисинов 3
Младост 3
Драчево 2
Радовиш 2
Јехона 1
Металург РА 1
Шампион 0
Македонија ЃП 0

Текстилец, Астраион, Преспа Вардар, Борец, Овче Поле, Кичево и Партизан Гевгелија ќе се натпреваруваат во плеј-аутот.

Борец е единствениот тим кој во досегашниот тек од сезоната не успеа да освои ни бод. Шампионот од сезона 1994/95 и лани забележа лоши резултати, беше поразен на сите натпревари од регуларниот дел и во плеј-аут фазата.

Прва лига, плеј-аут:

Астраион 3
Овче Поле 3
Текстилец 2
Кичево 2
Преспа Вардар 1
Партизан 1
Борец 0

Бидејќи во плеј-аутот нема никакво испаѓање, натпреварите повеќе ќе бидат од формален карактер.