Познати полуфиналистите на СП за кадетки – Египет испиша историја, Црна Гора во ТОП 4

Комплетирани се четвртфиналните натпревари на Светското првенство за кадетки кое се одржува во Романија, а пласман меѓу четирите најдобри репрезентации изборија Египет, Шпанија, Данска и Црна Гора. Четирите дуели донесоа многу неизвесност, драматични завршници и неколку историски достигнувања.

Најголемото изненадување го приреди Египет, кој со победата од 30:29 над Кина за првпат во историјата обезбеди место во полуфиналето на Светското првенство за кадетки. Африканската селекција во најголемиот дел од натпреварот ја контролираше играта и имаше предност, но Кина успеа да се врати и во финишот да израмни на 26:26. Сепак, Египет повторно го презеде водството, а во последните секунди голманката Џајда Салама запиша клучна одбрана и ја потврди историската победа на својата репрезентација.

Актуелниот светски шампион Шпанија продолжува со максимален ефект на шампионатот, откако во четвртфиналето ја совлада Швајцарија со 27:25. Швајцарките во поголемиот дел од средбата имаа резултатска предност, а во 48. минута водеа и со три гола разлика (22:19). Сепак, Шпанките одиграа одличен финиш, направија серија од 4:0 и го свртеа резултатот во своја корист. Голманката Ребека Секадес беше една од најзаслужните за пресвртот со 14 успешни интервенции.

Данска уште еднаш потврди дека располага со една од најцврстите одбрани на турнирот, откако ја елиминира Унгарија со 24:20. Данските ракометарки уште од самиот почеток воспоставија контрола благодарение на одличната дефанзива и расположената голманка Тилде Ладегард Сков, која натпреварот го заврши со 13 одбрани и беше прогласена за најкорисна ракометарка. Иако Унгарија неколку пати се доближи на два гола негатива, Данска не дозволи комплетен пресврт и сигурно обезбеди место во полуфиналето.

Најдраматичниот четвртфинален натпревар го одиграа Словачка и Црна Гора, а победата со 33:32 им припадна на Црногорките. Словачка имаше предност од три гола на полувремето (17:14), но Црна Гора со одлична игра во вториот дел направи целосен пресврт и стигна до историски втор пласман во полуфиналето на ова натпреварување. Словачка во самиот финиш имаше можност да избори продолженија, но Црна Гора ја сочува минималната предност и се пласира меѓу четирите најдобри селекции.

Во полуфиналето ќе се сретнат Египет и Шпанија, додека вториот билет за финалето ќе го добие подобриот меѓу Данска и Црна Гора.