Полски репрезентативец брутално претепан за време на одмор – остана без ЕП!

Полскиот кадетски репрезентативец Александер Славински нема да настапи на претстојното Европско првенство за ракометари до 18 години во Србија, откако беше хоспитализиран по ноќен напад во полскиот град Менџиздроје.

Според информациите објавени од Полската ракометна федерација, инцидентот се случил ноќта меѓу 9 и 10 јули, додека талентираниот ракометар бил на одмор со своето семејство на Балтичкото Море.

Славински, кој е дел од ракометната академија во Келце и член на клубот Грифино, се здобил со сериозни повреди поради кои нема да може да се приклучи на подготовките на полската кадетска репрезентација, ниту да настапи на Европското првенство.

Од федерацијата соопштија дека неговиот живот не е во опасност и дека моментално се наоѓа под лекарски надзор. Иако повредите се сериозни, неговата состојба е стабилна, а понатамошниот тек на лекувањето ќе зависи од дополнителните медицински испитувања.

Полската ракометна федерација најави дека ќе му обезбеди целосна поддршка на младиот ракометар, додека случајот веќе е предаден на полицијата. Надлежните органи спроведуваат истрага за утврдување на околностите под кои се случил нападот и идентификација на сторителите.

Отсуството на Славински претставува голем удар за полската селекција пред почетокот на Европското првенство, бидејќи важи за еден од најталентираните ракометари од својата генерација.