Полска ја одбрани титулата кај мажите, Унгарките трипати по ред на врвот во ЕХФ шампионатот

Полска кај мажите и Унгарија кај жените ги освоија титулите на ЕХФ шампионатот во ракомет на плажа, кој се одржа во Загреб, а со тоа беа комплетирани и последните учесници за Европското првенство 2027 во Литванија.

Машка репрезентација на Полска успешно ја одбрани титулата освоена пред две години и по шести пат во последните седум изданија се искачи на европскиот трон. Во големото финале Полјаците ја совладаа сензацијата на турнирот, Чешка со 2-0 (20-16, 29-26) додека бронзениот медал им припадна на Холанѓаните.

Кај жените, Унгарија продолжи со својата доминација и ја освои третата последователна титула. Во репризата на финалето од 2024 година, Унгарките ја совладаа Франција по „шут-аут“ со 2-1 (17-12, 18-24, 7-2).

Хероина беше голманката Далма Матефи, која одбрани два шута во пенал-серијата, додека Нора Наѓ-Агостон го постигна победничкиот погодок. Бронзениот медал заврши кај Португалија.

Со завршувањето на турнирот во Загреб е комплетирана и листата на 16 машки и 16 женски репрезентации кои ќе настапат на Европското првенство во ракомет на плажа во 2027 година, кое ќе се одржи во Друскининкаи, Литванија.