По две години Вардар повторно победува во Европа – триумф над Валур во ЛЕ

Вардар им даде убава можност на навивачите во СЦ „Јане Сандански“ да се присетат на старите времиња кога „црвено-црните“ пред домашна публика ги „мелеа“ ривалите откако триумфираше со 33-26 (19-11) против Валург во првото коло од Ф групата од Лига Европа.

По пауза од повеќе од две години вардарци повторно победија на меч од европските купови. Последен пат тоа се случи во март 2022 година кога во групната фаза од Лигата на шампионите беше победен Елверум (39-30).

Потоа следуваше едногодишна пазуа од европските купови, а лани беа елиминирани уште во квалификациите за ЛЕ. Сега во новата сезона целта на македонскиот тим е да се мине групната фаза, иако против себе имаат два сериозни ривали, во Порто и Мелсунген, па и Валур.

Првиот меч против Валур што можеби и полесно од очекувањата го добија „црвено-црните“ покажа дека иако со проблеми во составот, со повредени играчи, клупата на Вардар е доволно долга и има измени за секоја позиција. Кога во 5 минута Вардар поведе со 4-3 а потоа и со 5-3 веќе беше трасиран патот кон првиот триум во новата сезона.

Имаа расположен напад и пред се Вуко Борозан кој за 6 минути со трите проектили ја дигна публиката на нозе. Мигуел Еспиња имаше вкупно девет одбрани меѓу кои и еден пенал, и за тие први 30 минути Вардар знаеше да ги валоризира своите шанси. Играше Вардар само задача некако да го сопре левиот бек Магнусен кој даде лесни 4 гола, а потоа кога и Валур почна да менува во составот другите не можеа така лесно да ја пробијат домашната одбрана. Па на одмор се замина со максимални 19-11.

Осумката на полувреме во корист на Вардар се намали на 7, а кога резултатот беше 23-16 тренерот Владо Недановски побара минута одмор. Вардар многу почесто правеше технички грешки давајќи му шанса на Валург да го намали резултатот. Го немаше темпото од првиот дел, но и покрај тоа резултатот пак беше на 6-7 гола во корист на Вардар.

Валург намали на 25-20, но за некоја минута Вардар повторно имаше „плус 7“ и водство 28-21 и со таа предност се влезе во последните десет минути. Сега и составот беше делумно изменет, па во игра беше Хансер, Коиј, Петриќ, Мело. Беа многу мотивирани вардарци, а тоа се гледаше по обидите да се освои некоја топка, по повикот до публиката за поддршка, по одбраните на Еспиња.

А публиката  тоа знаеше да го награди, со постојано навивање, бодрење. Имаше за што да се радуваат, а играчите да бидат уште помотивирани.