Хрватскиот стратег Владо Шола не е повеќе селектор на сениорската репрезентација на Црна Гора. Откако „лавовите“ не успеаја да се пласираат на 29. издание на Светското првенство, искусниот Шола си поднесе оставка.
Црна Гора во баражот за ривал ја доби репрезентацијата на Италија и пред првата пресметка со „азурите“ беше голем фаворит. Црногорците очекуваа лесен пласман и ново учество на големите натпреварувања, но „ѓаволот ја однесе шегата“.
Иако Италија не е од првиот или вториот ешалон на ракометни репрезентации, сепак, со двете победи над Црна Гора јасно стави до знаење дека денес сите играат ракомет и дека ниту една репрезентација не е за потценување.
Италијанците на првиот натпревар против Црна Гора победија со 32:26 и на реванш пресметката во Подгорица повторно одиграа одлично триумфирајќи со 34:32, со што си обезбедија второ учество на Мундијалите.
Владо Шола селекторската функција на Црна Гора ја презеде на почетокот на месец февруари, 2023 година. Под неговото водство Црна Гора обезбеди учество на Европското првенство 2024, кое се одржуваше во Германија.
На континенталниот собир не беа остварени зацртаните цели, бидејќи Црна Гора не ја помина групната фаза. И покрај неуспехот, ракометната куќа на Црна Гора реши да не менува ништо во стручниот штаб.