Драмата во Сегед со среќен крај за домаќините

Екипата на ПИК Сегед се израдува на втората победа во Лигата на шампиони по триумфот над Загреб од 27:26. ПИК Сегед сега направи исчекор на табелата во групата А и дојде до пет бода на свое конто, толку имаат и Загреб и норвешкиот шампион Колстад, кој вчера загуби од данскиот вицепрвак Алборг.

Иако составот на Ненад Шoштариќ лошо го започна натпреварот, губеше со 3:0 во воведните пет минути, од 15 минута, па до крајот на полувремето беше подобриот противник на теренот. Домашниот тим, кој во првиот дел го имаше расположениот Миклер, до средината на полувремето одржуваше резултатска контрола, но највисоката предност на ПИК Сегед беше само два гола разлика.

Оваа предност беше поставена во четири наврати во првото полувреме. Откако беше 9:9, хрватскиот шампион со погодоците на Чупиќ и се подобриот Кларица се одлепи на 11:9. ПИК Сегед се врати во игра, израмни на 11:11, но во финишот не успеа да издржи и на пауза замина со негатива од два гола разлика, 15:13.

Второто полувреме беше отворено со голот на екс вардарецот Валчак, па така кружниот напаѓач зголеми за 16:13. Во 32 минута тимот на Загреб со голот на искусниот Кавчиќ дојде до највисокото водство од плус четири, 17:13. Сепак, Загреб во желбата да дојде до два бода, се почесто правеше грешки, не играше трпеливо кога најмногу требаше и дозволи домашниот тим да се врати во игра и да го преземи водството.

Во последниот период од натпреварот се играше гол за гол, домаќинот победуваше, тимот на Загреб израмнуваше, па така само нијанси одлучуваа како ќе заврши неизвесниот дуел. Во 57 минута беше 26:26, унгарскиот тим во 58 минута преку Габер реализираше за 27:26, додека гостите не успеаја да постигнат гол во финишот и со празни раце си заминуваат од Унгарија.