По триумфот над ПИК Сегед на гостувањето во Унгарија со 27-24, ракометарите на Барселона загубија на реваншот дома со 30-29, но тоа беше доволно за пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Европскиот првак ќе ја брани титулата во елитната конкуренција, иако во финишот можеше да има голема сензација на мечот во „Блауграна“.
Домаќините водеа во неколку наврати со по четири гола разлика, но тоа не им беше доволно да влезат во рутинска завршница. Напротив ПИК Сегед комплетно се врати во игра, предводен од Фримел и Шоштариќ на два пати и водеше со два гола.
Сепак Макуц и Цикуша ги решија сите дилеми и во последните триесетина секунди се влезе со реми, 29-29, но Шоштариќ искористи шанса да донесе победа, која сепак беше пирова за унгарскиот вицепрвак.
Кај Барса, Мем имаше шест гола, а кај ПИК Сегед доминираа крилата Фримел и Шоштариќ кои имаа вкупно 18 погодоци. Покрај Барса, на Ф4 се пласираа и германските Магдебург и Фуксе Берлин, како и францускиот Нант.