Пешевски: Ги имавме Австријците в рака

Македонија одигра драматично реми со Австрија, 29-29, откако капитенот Филип Кузмановски успеа да погоди во последната секунда.

Кружниот напаѓач Жарко Пешевски имаше неколку важни погодоци во второто полувреме вели дека националниот тим игра се подобро и подобро како одминува првенството.

„Иако можевме и да победиме, задоволен сум што дојдовме до поволен резултат. Ги имавме Австријците в рака. Како и секој репрезентативец кој го носи овој свет дрес, секој се стреми кон победа, но овој пат и ремито беше добро со оглед на финишот. Да се надеваме дека на следните мечеви ќе бидат со среќен крај за нас, иако реално денеска имавме таков со гол постигнат во последната секунда. Јасно е дека игравме против една силна репрезентација и за тоа треба да бидеме свесни. Најважно е што максимално се бориме, играме од натпревар во натпревар се подобро. Малите проблеми, како здравствени, така и играчки, ги оставаме зад себе и ги надминуваме на секој следен дуел. Сметам дека против Катар ќе бидеме уште подобри“ изјави Пешевски.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Катар в четврток од 15:30 часот.