Пелистерци ги пуштија во продажба билетите за дуелот со Алборг

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер оваа недела им се враќа на обврските во Лигата на шампионите.

Пелистерци во рамки од претпоследното, 13. коло ќе го пречекаат данскиот вицепрвак Алборг, кој првиот дуел со битолскиот тим го доби со убедлив резултат од 38:23.

Натпреварот против Алборг за избраниците на Бранко Ангеловски ќе биде последниот натпревар на домашен терен, бидејќи во последното коло Еурофарм Пелистер ќе гостува кај Колстад.

Битолскиот тим веќе денес ги пушти во продажба билетите за натпреварот со данскиот вицепрвак и за краток период се очекува да биде распродадена салата „Боро Чурлевски“.

Поединечните билети по цена од 450 денари (странични места на трибините) и 550 денари (централни места на трибините) ќе се продаваат во DIMPO Тобако и преку интернет продажба, односно на следниот ЛИНК.

Избраниците на Ангеловски на 12 натпревари не освоија бод и токму против Алборг ќе атакуваат на првите бодови во европската елита.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Алборг ќе се одигра на 28 февруари во спортската сала ,,Боро Чурчевски” со почеток од 20:45 часот.