Во големото дерби на првото коло од машкиот турнир на Олимписките игри, домаќинот Франција загуби убедливо од Данска со 37-29. Ова беше одмазда за поразот во финалето на ЕП 2024 во Германија, кога победија Французите, а овој дуел беше последен меѓусебен за две легенди – Никола Карабатиќ и Микел Хансен, освен ако двете селекции не играат пак за злато на ОИ. Најзаслужни за убедливата победа беше триото Питлик-Гидсел-Ландин, а бековите искомбинираа 22 гола!
Домаќините понесени од еуфоријата на трибините, уште по десетина минути водеа со 9-4 и веројатно помислија дека ова ќе биде лесна победа. Но Данците не мислеа така и за брзо ги демантираа момците на Гијом Жил. Хансен беше сигурен пеналџија, погодуваше и Гидсел, а Ландин беше стрелец на голот за реми, 12-12.
Потоа домашниот напад спласна, Данска се разигра и во финишот на полувремето стигна до плус два, 18-16. Сепак за минус еден се погрижи Деска со голот од пенал по истекот на времето.
Данците веќе беа влезени во „шема“ и на стартот на вториот дел стигнаа до плус три. Колку и да се трудеа домашните да се вратат во игра, не успеваа, иако во еден момент намалија на минус еден преку Деска, 26-25.
Пранди направи грешка, Конан направи пенал, па Пранди уште еднаш промаши и Данска отиде на плус пет, 31-25. Веќе немаше назад за Французите, кои мораа да се помират со пораз на стартот.
Најдобри стрелци во победничката селекција беа Питлик и Гидсел со по 11 гола, додека Ландин собра 15 интервенции. Во францускиот состав се истакна Деска со седум, а голманите Жерар и Дебоне имаа заедно 10 одбрани.