ПАРИЗ 2024: Микел Хансен го одигра „последниот танц“!

Финалето на Олимписките игри во кое Данска моќно ја надигра Германија, беше последен репрезентативен настап, и воопшто последен натпревар во кариерата на легендарниот Микел Хансен.

Левиот бек не можеше да посака поубав крај на кариерата од овој – со олимписко злато ќе биде згобатена и онака богатата колекција на одличја.

Хансен и Данска ги победија селекциите на Франција, Египет, Унгарија, Аргентина и Норвешка во групата, потоа Шведска во четвртфиналето, Словенија во полуфиналето и Германија во финалето на ОИ.

Во богатата кариера Хансен беше дел од Хелсингор, Вирум, ГОГ Гудме, Копенхаген, како и големите Барселона и ПСЖ, пред да се врати во татковината и да го облече дресот на Алборг.

Беше прогласен за ракометар на годината во 2011, 2015 и 2018 година, а со националниот тим на Данска има три злата и две бронзи од СП, злато, две сребра и бронза од ЕП, како и две злата и сребро од ОИ.