Охрид во игра и за титула – му го зема скалпот на вицешампионот!

Ракометарите на Охрид прославија голем триумф над македонскиот вицепрвак со 30-26 и му ја прекинаа серијата од 22 победи по ред (17 оваа сезона и пет од финишот на минатата сезона). Избраниците на Стевче Алушовски предводени од одличниот Ѓорѓески на голот, како и непогрешливиот Цирар во нападот, комплетно го надиграа тимот на Кире Лазаров и го испратија без бодови дома. На паузата охриѓани водеа со седум гола, а „сино-белите“ од Автокоманда се што сторија во вториот дел беше што намалија на минус четири. Охрид сега има 11 бодови и се вмешува во борбата за врвот, каде е Еурофарм Пелистер со 14 бода.

Според очекувањата се играше гол за гол во првите десетина минути до 5-5, а голманот на домашните Ѓорѓески имаше свое шоу и одбрани шест пати. Охриѓани првпат имаа плус два со голот на сигурниот Цирар, 7-5.

Беше и 8-6, а гостите немаа многу решенија во нападот, па тренерот на вицепрвакот мораше да бара тајм-аут во раната фаза од мечот. Ниту тоа многу не му помогна на неговиот тим, кој не постигна гол цели шест минути, по 11-9.

За тоа време, избраниците на Стевче Алушовски погодуваа и ги казнија сите гостински грешки. Цирар беше прецизен и од пенал, па Охрид замина на пауза со седум гола предност, 16-9, откако за гостите немаше полза ниту од вториот тајм-аут на Лазаров.

Гостите од Автокоманда постигнаа три гола во серија на стартот на второто полувреме за 16-12, но тоа не ги обесхрабри охриѓани во походот кон триумф. Одново се разбрани Ѓорѓески, покрај Цирар погодуваа и Сафранко и Јукиќ за 20-14.

Тогаш имаше да се играат уште петнаесетина минути до крајот, гостите немаа многу решенија, а нивниот тренер го викна последниот тајм-аут. Митев беше одлично чуван од домашните, а Серафимов тешко го наоѓаше патот до мрежата на Ѓорѓески.

Во последните десет минути се влезе со резултат 24-18, а во продолжение се играше гол за гол. На пет минути до крајот имаше мал прекин, кога судиите прегледуваа снимка. Гостите намалија на минус три во финишот, но немаше шанси за нешто повеќе од пристоен пораз и нивната судбина на овој дерби натпревар беше запечатена.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Цирар со 14 и Сафранко со шест, додека голманот Ѓорѓески имаше 14 одбрани. Во составот кај гостите најдобар стрелец беше Дамјан Митев со седум гола. Во следната рунда Охрид му гостува на Пролет, додека тимот од Автокоманда го чека тежок меч со Вардар.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР980126
2ВАРДАР 1961970224
3ОХРИД970223
4АЛКАЛОИД960321
5ТИКВЕШ 2014950416
6ПРОЛЕТ92076
7БУТЕЛ91084
8СТРУГА90090