ОХРИД 2026: Блажески: Има грешки, има и замор – најважна е победата

Охрид со победа го започна турнирот „Крсте Андоновски“, откако пред својата публика го совлада Египет У20 со 31-27. Бојан Блажевски признава дека во играта имало грешки, но потсетува дека тимот има осум нови ракометари и дека процесот на воигрување сè уште трае.

Охрид успешно го започна турнирот „Крсте Андоновски“ пред својата публика во „Билјанини Извори“. Домаќинот славеше против младинската репрезентација на Египет со 31-27, но до победата не стигна лесно. Египќаните дадоа сериозен отпор, а охриѓани мораа да работат до самиот крај за првите бодови во групата.

Бојан Блажески смета дека најважна е победата, но е свесен дека има уште многу простор за напредок.

„Најважна е победата. Имавме некои технички грешки, имавме и грешки во одбраната, но тоа е нормално во овој период. Имаме осум нови играчи“, вели Блажески.

По Струга се чувствува и заморот. Охрид во Охрид пристигна директно по настапот на турнирот во Струга, каде ја освои титулата.

Серијата натпревари во краток период веќе се чувствува кај играчите, па тренерот Борис Ројевиќ мораше да ја распредели минутажата.

„Зад нас е и турнирот во Струга, па кај играчите има замор. Затоа тренерот Ројевиќ беше принуден повеќе да ротира, сите да добиеме шанса. На крајот најважно е што стигнавме до победата“, истакна Блажески.

Охрид и минатото лето имаше успешен подготвителен период, а сезонава повторно тргна со трофеј во Струга и победа на стартот на сопствениот турнир.

Но Блажевски не сака прерано да зборува за повторување на ланското сценарио. Охриѓани сега ги очекуваат уште потешки натпревари во групната фаза.

Следуваат дуелите со Војводина и Загреб, две екипи кои треба да дадат многу пореална слика за моменталната форма на домаќинот. Блажески е свесен дека патот до ново финале нема да биде лесен.

„Тука се Загреб и Војводина. Нè чека уште многу работа во групната фаза“, вели Блажески.

Охрид минатата сезона ја испиша најуспешната страница во клупската историја, а со тоа очекувањата пред новата сезона се уште поголеми.

Сепак, во таборот на домаќинот не сакаат да брзаат со големи најави.

„Времето ќе покаже“

Со осум нови играчи во составот, на Охрид ќе му биде потребно време целосно да го пронајде ритамот. Блажески затоа не сака уште во август да прогнозира дали новата сезона може да биде подобра од историската претходна.

„Мислам дека уште е рано да зборуваме за тоа. Сè уште се пронаоѓаме. Како што кажав, имаме многу нови играчи. Времето ќе покаже, но се надеваме дека и оваа сезона ќе биде успешна како минатата“, порача Блажески.

Следуваат далеку посериозни тестови, а токму мечевите со Војводина и Загреб треба да покажат колку брзо новиот Охрид може да го фати ритамот што минатата сезона го однесе до историски резултати.

 

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________