ОХРИД 2024: Српскиот двобој за Партизан – „црно-белите“ петти на турнирот „Крсте Андоновски“

Тимот на Партизан го освои петтото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако го победи домашниот конкурент Динамо Панчево со 25-19 во интересен натпревар кој беше решен во последните петнаесетина минути.

Партизан отвори со головите на капитенот Никола Зечевиќ и поведе со 2-0, а избраниците на Ѓорѓе Чирковиќ имаа и плус четири, 8-4. Тоа беше причина за тренерот на Динамо Панчево уште во раната фаза да бара тајм-аут.

Неговите момци заиграа подобро, почнаа да се враќаат во игра и најпрво намалија на 11-8, а во последните моменти од првото полувреме одличниот среден бек Лео Фејеш постигна уште еден гол и панчевци намалија на 13-12 на паузата.

На стартот на вториот дел македонското лево крило од Партизан, Бојан Маџовски, доби еден удар во ребрата и не можеше да го продолжи мечот, па неговите соиграчи дозволија Динамо да направи комплетен пресврт и да поведе со 16-15.

Но Партизан заигра подобра одбрана, не дозволуваше лесни погодоци, а иако голманот Косановиќ од Динамо бранеше исто така добро, неговите соиграчи не погодуваа во нападот, па како одминуваше времето, така предноста на Партизан растеше.