Грчкиот шампион Олимпијакос е на чекор до место во финалето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако во вториот натпревар од групната фаза ја доби пресметката со Динамо Панчево со 28-27
Грците ја имаа предноста на стартот на мечот, водеа со 2-0, па 3-1, но Динамо Панчево полека се враќаше во игра и израмни на 5-5. Некогашниот голман на Вардар, сега на Динамо, Милан Косановиќ, се разбрани и српскиот состав почна да ја презема контролата на теренот.
Се разигра и искусниот Павловиќ, кој погодуваше во серија, па Динамо Панчево одржуваше некое време предност од три погодоци. Тренерот на Олимпијакос, Жељко Бабиќ, повика тајм-аут да ги смири неговите момци, па грчкиот првак не само што израмни, туку и поведе со 13-11.
Грците два пати не погодија, и за тоа беа казнети. Прво Павловиќ намали на минус еден, а во последните секунди од првиот дел, погодок постигна и некогашниот пивот на Струга, Богдан Ѓуровиќ, и Динамо Панчево стигна до реми на паузата, 13-13.
Јосип Периќ дириграше во играта на грчкиот првак на стартот на вториот дел и полека Олимпијакос успеа да ја преземе контролата. Грците водеа со 20-16, но Динамо не се откажуваше од камбек.
Младинскиот репрезентативец на Србија, Лео Фејеш, имаше неколку добри продори на шест метри, српскиот тим намали на минус два, 22-20, а потоа во следните напади се погодуваше наизменично на двете страни, па на десетина минути до крајот беше 24-22 за Олимпијакос.
Кога десното крило Колунџиќ даде гол за минус еден, 24-23, Бабиќ мораше да реагира со минута одмор. Хрватот ја врати на терен најсилната бековска линија – Саваш, Периќ и Вејин, па Олимпијакос се врати на плус три, 26-23, а Периќ изнуди и две исклучувања кај Динамо.
Во последните две минути Динамо намали на 27-28, а на 90 секунди до крај Лиапис не реализираше за предност од два гола. Во последната минута напад имаше Динамо, чиј тренер побара минута одмор за да ги посоветува играчите како да израмнат, и да се понадеваат барем на бод. Наместо да реализираат тие направија техничка грешка, па на Олимпијакос му остана да го организра последниот напад. Под закана за пасивна игра, и 12 секунди до крај, Олимпијакос ја задржа топката и победи со 28-27.