ОХРИД 2024: Од Вардар најавуваат – сите екипи имаат шанса за трофејот, ние ќе се фокусираме на нашата игра

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

Покрај домаќинот Охрид, од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Владо Недановски, тренерот на Вардар, кој за првпат ќе игра во Охрид, очекува одличен турнир, како и на претходните две изданија.

„Пред се очекуваме уште еден одличен турнир како и на претходните изданија, од организациски и натпреварувачки карактер. Зашто ова е подготвителен период, нашата примарна цел е воигрување на тимот, во кој имаме доста нови играчи, за подобар почеток на сезоната во домашното првенство, но и во ЕХФ Европа Лигата. Секако ние сме Вардар, а со тоа имаме обврска на секој натпревар да одиме на победа, со надеж за освојување на турнирот. На турнирот шанса ќе добијат сите наши играчи“, вели Недановски.

Вардар ќе биде во групата со домаќинот Охрид, потоа словенечкиот Целје, како и српскиот Партизан.

„Ривалите во нашата група се силни состави кои ги почитуваме и играат значајна улога во своите шампионати, па ова ќе биде одлична група за проверка на нашата форма. Како што веќе напоменав, ова е исклучително силен интернационален турнир и верувам дека сите тимови имаат шанси да го освојат турнирот. Ние ќе се фокусираме на нашата игра и ќе одиме натпревар по натпревар со цел да го освоиме турнирот оваа година“, продолжи Недановски.

Тој откри дека посакува двојна круна во Македонија во новата сезона.

„Како и секоја сезона, така и оваа нашата главна цел е освојувањето на дупла круна во Македонија, а во Европа нашата првична цел е да ја поминеме групата и да се пласираме во главната фаза од натпреварувањето“, заврши тренерот на Вардар.

Капитенот Гоце Георгиевски очекува убав ракомет во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Нашите очекувања се да одиграме турнир на кој сите ривали ќе бидат достојни да го освојат, па со тоа очекувам изедначен турнир на кој публиката ќе може да проследи убав ракомет. Секако наша цел во овој дел од сезоната е воигрувањето на тимот како и освојувањето на турнирот. Добро ги познаваме ривалите во групата, ги следевме нивните настапи во минатата сезона како и промените кои ги имаат оваа. Ние ги анализираме сите наши противници и на секој натпревар настапуваме колку што е можно максимално подготвени. Во овој момент не би можел да издвојам и верувам дека сите тимови имаат шанса за трофејот, а секако ние ќе се фокусираме на својата игра со цел освојување на овој турнир“, вели популарниот Џомба.

Десното крило се согласи со тренерот Недановски околу амбициите на Вардар во новата сезона.

„Во Европа нашата првична цел е да ја поминеме групата во која не чекаат силни ривали, а во Македонија како и секоја сезона имаме за цел да ја освоиме двојната круна, на што не обврзува на некој начин и нашата историја како убедливо најтрофеен машки ракометен колектив“, заврши Георгиевски.

ВАРДАР

заминаа: Мартин Томовски (Потсдам), Мартин Карапалевски (Ваљадолид), Марко Мишевски (Курнон), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Косуке Јасухира (Бурхан), Тарик Бакар (Пролет), Немања Гојковиќ ?

дојдоа: Мигел Еспиња (Куенка), Мигел Пинто (Агуаш Санташ), Ларс Коиј (Емсдетен), Томче Стојановски (Бутел Скопје), Марио Танкоски (Еурофарм Пелистер), Дмитро Горига (Ал Араби), Младен Крсманчиќ (Чурго), Ашраф Маргели (Есперенца)

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале