ОХРИД 2024: Два поранешни европски шампиони на турнирот „Крсте Андоновски“ – еве ги сите учесници

Претстојното лето во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во организација на клубот и Општина Охрид.

За разлика од лани, оваа година нема да настапи освојувачот на трофејот Еурофарм Пелистер, но тука е двократниот европски првак Вардар, а покрај домаќинот Охрид претставник на Македонија ќе биде уште и Алкалоид.

Интересот од странски екипи за настап беше голем, но во потесниот избор влегоа пет екипи. Повторно ќе дојде ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен.

Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Нема сомнеж дека охридските и македонските љубители на ракометот, ќе можат да уживаат во интересни натпревари кон крајот на летото во Охрид, кој повторно ќе биде центар на ракометот од 20 до 24 август.

Деталите околу групите и распоредот на натпреварите ќе бидат познати во следниот период.