ОФИЦИЈАЛНО: Охрид со добредојде за бундеслигашкото засилување – потпиша Иванковиќ

По тренерот Борис Ројевиќ, десниот бек Предраг Вејин и средниот бек Тилен Стрмљан, амбициозниот Охрид го официјализираше третото играчко засилување за идната сезона.

Нов „гладијатор“ е хрватскиот лев бек Анте Иванковиќ, кој се обврза на договор на две сезони и ќе остане најмалку до 2027 година покрај езерото. Иванковиќ доаѓа од бундеслигашот Штутгарт, каде што ја одработува втората сезона.

24-годишниот ракометар потекнува од школата на Дубрава, а во периодот од сезоната 2021 до 2023 година беше дел од Целје.

Со словенечкиот тим учествуваше на европска сцена, поточно во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа и постигна вкупно 80 погодоци во најквалитетното европско натпреварување.

Одличните партии во Целје беа забележани од страна на раководството на Штутгарт, па така поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Хрватска во месец февруари, 2024 година, успеа да направи трансфер во Бундес лигата.

Покрај Ројевиќ, Вејин, Стрмљан и Иванковиќ, охриѓани наскоро треба да ги официјализираат трансферите на Николаос Лиапис од Олимпијакос, како и на уште две засилувања. Охриѓани формираат силен ростер и сакаат да се вмешаат во битката за трофеите на домашната сцена, но и да направат чекор напред во настапите на меѓународна сцена.