Репрезентацијата на Норвешка третпат по ред го освојува златото на континенталните собири, откако во денешното финале на Европското првенство 2024 славеше над Данска со 31:23. Од Европското првенство Норвешка освен со злато, си заминува и како единствена репрезентација без пораз, победи на сите одиграни натпревари.
Овие две репрезентации играа на финалето во 2022, тогаш Данска даде силен отпор во текот на сите 60 минути, додека вечерва Норвешка имаше одлично второ полувреме, кое беше и пресудно за конечниот исход.
Првиот гол на натпреварот беше постигнат дури по пет минути игра, откако репрезентативката на Данска, Хелена Елвер, погоди за 1:0. Избраничките на Јеспер Јенсен играа одлично во одбраната, а интересен факт беше тоа што Норвешка цели осум минути не можеше да дојде до реализација.
Екс ракометарката на Вардар, Камила Херем, го постигна првиот гол за нејзината репрезентација, намали на 2:1. Данска делуваше помотивирано во првите петнаесетина минути, водеше со 5:3 кон средината на првото полувреме, но Норвешка со два гола во низа израмни на 5:5.
Следуваше игра гол за гол, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство, а по големата борба, репрезентацијата на Норвешка замина на полувреме со минимална предност од 13:12. Голманката на Норвешка, Силје Солберг, во првото полувреме имаше девете интервенции, додека на спротивната страна Ана Кристенсен една помалку – 8.
Ракометарките на Хергеирсон одлично го започнаа вториот дел и тука ја направија разликата и го скршија отпорот на Данска. Норвешка за пет-шест минути игра во вторите 30 минути дојде до 17:13 и во остатокот од натпреварот умешно ја чуваше стекнатата предност, која ја надогради за конечни осум гола разлика.