Неверојатна ситуација се случи на натпревар од женската младинска лига во Шпанија, откако дедо на еден од судиите беше сериозно повреден по нападот од татко на една од ракометарките.
Конфликтот за време на мечот меѓу Санксенксо и Расоеиро се случил на трибината на која биле присутни роднини и родителите на ракометарките, но и роднини на арбитрите. Таткото на ракометарката го критикувал еден од арбитрите за неколку одлуки, а дедото на судијата кој бил на трибините побарал повеќе почит за неговиот внук.
Тогаш таткото го нападнал дедото на судијата, а според пишувањата на „Марка“ дедото завршил во болница облеан во крв.
Шпанската федерација објави дека сите натпревари од сите конкуренции во домашните шампионати ќе започнат со една минута „неиграње“, со оставање на топката во центарот на игралиштето по свирежот на судиите, како поддршка во борбата против насилството на ракометните терени.
Донесена е одлука дека натпреварите од младинските лиги ќе се играат пред празни трибини до 18 јануари, а напаѓачот се соочува со забрана за посета на спортски натпревари од две до пет години, како и евентуална парична казна, чиј најмал износ може да биде 60.000 евра.