Ненад Шоштариќ одново селектор, но сега ќе ги води кадетите на Хрватска

Поранешниот селектор на женската сениорска репрезентација на Хрватска, Ненад Шоштариќ, по кратката пауза се врати на иста функција, но во друга репрезентација.

Тој стана селектор на машката кадетска репрезентација и ќе ги води младите ракометари на претстојното Европско првенство во Црна Гора.

Минатата година Шоштариќ го напушти кормилото на сениорките, кое го презема Ивица Обрван и стана тренер на Загреб.

Но кратко траеше таа авантура поради здравствените проблеми со грбот, па мораше да земе кратка пауза од ракометот, и работеше само повремено со младите категории во Загреб.

Хрватските кадети се најдоа во тешка група на ЕП заедно со селекциите на Словенија, Србија и Грција.